Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 

  • Историјат
  • Судска Зграда
  • Годишни Извештаи
  • Внатрешна Организација
  • Систематизација на работни места
Принципот на владеење на правото и заштитата на индивидуалните и колективните слободи и права претставува основен детерминант кој го определува местото на Република Македонија во нејзиниот прокламативно изразен стремеж за вклучување во европските интегративни процеси и етаблирање на соодветно место во европското демократско општество.
 
Функционирањето на судството, како носител на сегмент од власта кој се грижи за обезбедување и афирмација на правната сигурност, има круцијална улога во доследното почитување на принципот на владеење на правото и заштитата на индивидуалните и колективните слободи и права што овозможува реализација и унапредување на високите цивилизациски и општоприфатени идеи и стандарди за демократија во македонското социјално милје.
 
Во Република Македонија традицијата во судството бележи три периоди во кои судството се формирало и ја извршувало судската функција. Првиот период започнал на Првото заседание на АСНОМ – 2 август 1944 година кога била забележана и прокламирана потребата за судство кое „ќе биде ефикасен и брз заштитник за онеправдените“ и кога била донесен Декларацијата за правата на граѓанинот, а подоцна и Повелбата за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија. Во овој период судството било дефинирано како вршител на судската власт, а судиите независни и должни да судат законито. Согласно соПовелбата за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија, сега Апелациониот суд функционирал како обласен суд кој одлучувал по спорови во прв степен само во изрично предвидени со закон случаи и во спорови по судир на надлежност меѓу тогашните околиски судови и меѓуоколиските судови и народната власт. Со Закон за измение и дополнение на Повелбата за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија објавен во „Службен весник на Федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија“ број 4 од 9 април 1945 година обласните судови функционираат како второстепени судови и судат во втор и последен степен по сите жалби против одлуките на околиските судови а исто така е проширена и надлежноста со тоа што е предвидено обласните судови да судат во прв степен по сите кривични дела против целоста (интегритетот) и сигурноста на Државата и нејзиното устројство; сите кривични дела против државната имовина; фалсификување на парите и нивното растурање; сите други особено тешки за општествениот ред кривични дела, за секој поради безобзирноста на извршителот према народните интереси или нанесената голема штета, а каде била предвидена смртна казна; сите граѓански дела по кои Државата е тужена и сите рударски спорови.
 
Со Закон за потврда и измени и дополнуења на Законот за уредуење народните судови од 26 август 1945 година е донесен Закон за уредуење народните судови објавен во „Службен весник“ број 51 од 25.6.1946 година со кој обласниот суд почнува да функционира како Окружен суд, со кој закон воедно била конкретно определена и целокупната надлежност на Окружниот суд, бројот на окружните судови во Народната Република и составот на истите.
 
Потоа следи период во кој се донесени повеќе законски акти со кои се регулира и утврдува местото и положбата на судот во општеството, надлежноста, составот и воопшто функционирањето на Окружниот суд и тоа со Закон за судовите објавен во „Службен лист на ФНРЈ“ број 30 од 21 јули 1954 година; Закон за судовите од општа надлежност објавен во „Службен весник на СРМ“ број 42 од 18 декември 1965 година; Закон за редовните судови објавен во „Службен весник на СРМ“ број 10 од 29 март 1976 година со кој е воведена новина, односно отпочнува со функционирање и Окружен стопански суд и Закон за редовните судови објавен во „Службен весник на СРМ“ број 17 на 23 мај 1979 година.
Согласно со Законот за судовите објавен во „Службен весник на РМ“ број 36/95 во востановениот единствен судски систем, судската власт во Република Македонија ја вршат основни, апелациони и Врховниот суд на Република Македонија. Со одредбите на овој Закон на поинаков и нов начин биле решени прашањата за местото и улогата на судовите во системот на државната власт, па во таа смисла биле напуштени дотогашните називи општински и окружни судови. Со оглед на функционалното значење и карактерот на судовите согласно со одредбата од чл.110 ст.1 и 2 на наведениот Закон за судовите, новата организација на судовите и стварната надлежност стапиле во сила на 1 јули1996 година од кога општинските и окружните судови започнуваат со работа како основни и апелациони судови. Со новата организација и стварната надлежност апелационите судови кои функционираат во РМ, а со тоа и Апелациониот суд Скопје предвидено е да одлучува исклучиво во постапките по жалби против одлуките на основните судови што обезбедува овие судови да бидат исклучиво второстепени за разлика од стварната надлежност на окружните судови.

Апелациониот суд Скопје функционира во зграда од приземје и три ката. 

На приземјето се сместени судската полиција, приемното одделение, телефонската централа, судската доставна служба, како и голема сала.
 
На првиот кат се сместени судница I, судница II и судница III, граѓанска писарница, кривична писарница, судска архива и сала за состаноци.
 
На вториот кат се сместени кабинетот на претседателот на Судот,  канцелариите на судиите, канцелариите на стручните соработници, канцеларијата на секретарот на судот и канцеларијата на управителот на судската зграда.

На третиот кат се сместени канцеларии на стручни соработници, дактилобироа, одделение за сметководство, одделение за судска евиденција и библиотека.

Организацијата на работата на Апелациониот суд Скопје е уредена согласно со Законот за судовите и Судскиот деловник.
 
Законот за судовите поблиску ја определува надлежноста на апелационите судови, а со тоа и на Апелациониот суд Скопје и поконкретно со член 33 е предвидено дека апелационите судови се надлежни:
 
-   да решаваат по жалбите против одлуките на основните судови од своето подрачје,
 
-   да решаваат за судир на надлежност меѓу судовите од прв степен од своето подрачје и
 
-  да вршат други работи определени со закон.
 
Работата од својата надлежност утврдена со Уставот и законите, Апелациониот суд Скопје ја извршува преку совети од три и пет судии, јавните расправи во граѓанските спорови и главните претреси во кривичните предмети во совет составен од двајца судии и тројца судии поротници.
 
Согласно со Судскиот деловник објавен во („Службен весник на РМ“ број 71/07 од 7 јуни 2007 година) со чии одредби поблиску е уредена внатрешната организација на судот, начинот на работење, водењето на уписниците и другите книги, постапувањето со списите, обрасците, претставките и други прашања од значење за работата на судовите, во Апелациониот суд Скопје функционираат шест судски оддели, односно кривичен оддел, прекршочен оддел, граѓански оддел, оддел за работни спорови, трговски оддел и оддел за судска практика.
 
Во кривичниот оддел на судот, согласно со Распоредот за работа на судските совети за 2011 година, функционираат еден „КС“ совет, три „КЖ“ совети од по три члена, два „КЖ“ совети од по пет члена и еден совет за малолетнички кривични предмети.
 
Во прекршочниот оддел функционира еден совет.
 
Во Граѓанскиот оддел на судот функционираат шест совети, во Одделот за работни спорови функционираат два совети и во Трговскиот оддел функционираат два совета.
 
Согласно со одредбите на член 3 и 92 став 2 од Законот за судовите и член 5 и член 8 став 1 алинеја 2 од Судскиот деловник на седница на судиите на Апелациониот суд Скопје се утврдува Програма за работа на Апелациониот суд Скопје за тековната година, а согласно со член 88 став 3 на Законот за судовите, Претседателот на Судот по претходно прибавено мислење од седницата на судиите на судот врши распоред на судиите по оддели и совети, а воедно се определуваат претседатели на одделите и судиите кои го заменуваат претседателот во негово отсуство.
 
Со одредбата од член 29 на Законот за судовите, Апелациониот суд Скопје се основа за подрачјата на основните судови во Велес, Гевгелија, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Неготино, Скопје 1 Скопје и Скопје 2 Скопје.
 
Постапувајќи согласно со одредбите од член 88 ст.1 в.в. со член 97 ст.2 в.в. со став 1 од Законот за судовите в.в. со член 7 од Судскиот деловник, Апелациониот суд Скопје ја обезбедува соодветната корелација меѓу судот и медиумите, непосредно давајќи информации за постапката по конкретни судски предмети, како и за функционирањето на Судот, што се од интерес за пошироката јавност преку средствата за јавно информирање, водејќи сметка со тоа да не се наруши угледот, честа и достоинството на личноста и со тоа да не се наштети на независноста и самостојноста на Судот.
 
Во овој сегмент особено се води сметка обезбедените информации за медиумите да бидат строго проверени, без дискриминаторска основа на секој заинтересиран медиум, согласно со принципот 3 кој претставува прилог на Препораката (2003) 13 на Комитетот на министри при Советот на Европа за обезбедување информации преку медиумите.
 
На таков начин Судот овозможува висок степен на отвореност кон медиумите преку креирање разновидни модели на меѓусебна соработка, а со цел да биде почитуван принципот на транспарентност во работата, јакнење на довербата во судството, олеснување на пристапот кон правдата и анимирање на јавноста во борбата против криминалот и другите форми на противправно поведение.
 
Апелациониот суд Скопје остварува редовна соработка со подрачните основни судови од своето подрачје, а во врска со тековни прашања и проблеми кои произлегуваат во текот на работењето, а таа соработка се одвива со непосреден контакт при стручните надзори на основните судови, преку писмен пат доставени прашања за определени проблеми, за кои прашања и проблеми Апелациониот суд Скопје дава свои мислења по писмен пат, а и непосредно при контактите што се одржуваат за време на стручните надзори и контактите и средбите меѓу Апелациониот суд Скопје и основните судови од неговото подрачје.           
 
Апелациониот суд Скопје остварува перманентна соработка и со другите апелациони судови и Врховниот суд на РМ, а на работните средби на апелационите судови зема активно учество во расправањето на актуелните прашања и креирањето на заедничката и усогласена правна практика за сите правни области од надлежноста на судовите во Република Македонија.
 
Одделот за судска практика, на експлицитен начин ја презентира актуелната правна практика и заземените правни ставови и заклучоци по усогласените правни прашања и низ срочените сентенции, јасно ја изразува логиката на донесените одлуки, кои едукативно делуваат на помладите судии и стручни соработници.
 
Во Апелациониот суд Скопје функкционира библиотека како специјализирана библиотека наменета за работа со материја од правната област која се грижи за прибирање, обработка, чување, архивирање, евидентирање и користење на книжниот фонд согласно со Законот за култура и со Законот за библиотечна дејност, под стручен надзор од Народната и универзитетска библиотека “Св.Климент Охридски”–Скопје, формирана во 1973 година, со континуиран подем до денес низ период од 3 децении, придонесува за квалитетно и професионално извршување на работните задачи од страна на нејзините корисници, достигнувајќи ниво на библиотека со најбогат книжен фонд од стручна литература во судството на Р Македонија. Како таква е запишана во евиденцијата за специјализирани библиотеки на УНЕСКО и Советот на Европа.
 
Книжниот фонд на библиотеката на Судот, заклучно со 31.12.2008 година опфаќа 9.258 примероци, кој постојано се збогатува со купување нови изданија, подарување и размена. Во оваа бројка не се опфатени стручните часописи, белетристиката и другите публикации кои спаѓаат во периодика.
 
Фондот на библиотеката содржи и збирки на одлуки и решенија на Уставниот суд на РМ, Врховниот суд на РМ, Јавното обвинителство на Македонија, како и билтени на Врховниот суд на РМ и Апелациониот суд Скопје; општи енциклопедиски изданија и енциклопедиски изданија од правната и медицинската област, правни лексикони, лексикони од областа на медицината, криминологијата, маркетингот и друго; речници; белетристика со приближно 400 наслови, стручни часописи од областа на правото (Легис, Правник, Даночен советник, Информатор, Деловно право, Македонска ревија за кривично право и криминологија, Адвокатура, Судиска ревија, Безбедност и др.) и дневни и неделни публикации.
 
Апелациониот суд Скопје, исто така активно учествува во подготовката на новите законски прописи кои се подготвуваат од страна на Министерството за правда во рамките на Програмата за работа на Владата на Република Македонија.